„Златна бубамара“ летна преку „Фејсбук“ и Шехерзад

Домаќинот Сашко Коцев до солзи ја насмеа публиката со шеги за Законот против пушењето, ТВ-серијата „1001 ноќ“ и за „Скопје 2014“
Најпопуларното и најочекуваното шоу во нашата земја, „Златна бубамара на популарноста“, по 13-ти пат на публиката и' приреди неповторливо доживување, хумор и забава. Со смеа до солзи присутните три часа избегаа од реалноста. Најдискутирани теми беа Законот против пушењето и ТВ-серијата „1001 ноќ“, но ниту актуелните теми поврзани со Владата не беа лишени од пецкавите коментари на домаќинот на шоуто, актерот Сашко Коцев, а неколку ѕвезди од балканската музичка сцена дополнително го зачинија шоуто.
Ударна тема беше треската што ја предизвика серијата „1001 ноќ“. Како утеха за тие што поради „Златна бубамара“ пропуштаат една епизода, на видеобим беше прикажан мал извадок од серијата. Поради оваа сапуница и Коцев доцнеше на водителското место, па почетокот беше одложен. Сепак, присутните брзо сфатија дека тоа е дел од сценариото на Ранко Петровиќ. По целата мешаница хорот на „Златно славејче“, кој слави 40 години постоење, официјално го означи почетокот на „Златна бубамара“ и ја доби првата „Бубамара“ вечерта. По нив, во стилот на трагично починатиот крал на поп-музиката, Мајкл Џексон, Сашко одигра сегмент од познатиот „мунвок“.
По добро смислената увертира, Коцев почна да ги обработува актуелните теми. Една од поинтересните беше опседнатоста од „Фејсбук“. Објасни дека луѓето толку се „заразени“ со оваа социјалната мрежа, што дури почнуваат и љубов да водат преку интернет.

- Ако некогаш за да поканиш девојка да излезете беше потребно многу храброст и концентрација за да не менуваш бои на првиот состанок, сега се почнува со едно лајк на „Фејсбук“. Ете што ни направи глобализацијата, ни донесе компјутерска ера. Дури и евергрините добија поинаква содржина. Еве една „Сите спијат, а ние сме онлајн, четувај драги со мене ти, тагни ме тагни ме бескрајно, прекрасна е ноќ за сурфање...“ - пееше Сашко.
Тој сврте шега и кон владината кампања „Компјутер за секое дете“, потенцираше дека „се случило пресврт во оваа нивното мото, зашто секој компјутер си добил дете, што е спротивно на очекуваното“.
„ВИСОКИ ШТИКЛИ“ - ХИТ НА ГОДИНАТА
Познатите им делеа награди на познатите. Една „Бубамара“ отиде и за најдобрата детска балетска претстава „Д-р Офболи“. Членовите на ансамблот на МОБ изведоа дел од претставата. Групата „Конкорд“, која на сцената се собра речиси во полн состав, доби „Бубамара“ за хит на годината за антологиската „Високи штикли“, која по нив ја изведе Бени Шаќири.
Сашко едноставно не можеше да не ја чепне власта за нејзиниот план за изградба и модернизација на Скопје. Рече дека „сочувствува со владејачката маса поради плускавците на рацете создадени од лопатите со кои секој ден удираат нов камен-темелник“.
За законот против пушењето на јавно место речиси сите имаа коментар, а Сашко на тоа гледа како бесплатен митинг на опозицијата.
- Она што и' треба на опозицијата е како да ги извадат луѓето надвор и отворено да почнат да плукаат по власта. Е тоа се постигна со забраната за пушење. Сега сите се надвор и плукаат покрај пепелниците..“.
ПОЧИТ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ
Публиката беше одушевена и од гостувањето на Бајага, Оливер Мандиќ и Звонко Богдан, кои добија награда за трајни музички вредности. Тие изведоа дел од својот музички репертоар на сцената откако им беа врачени наградите и дополнително му дадоа тежина на шоуто. Меѓу гостите беше и Масимо Савиќ, кој ја отпеа „Елено ќерко, Елено“, за чиј спот со браќата Тавитјан доби награда. Гаро помладиот и Диран открија дека ги очекува настап на проектот во чест на Мајкл Џексон.
На крајот од шоуто му беше оддадена почит на Тоше Проески. На нозе и со громогласен аплауз публиката ја поддржа оваа постапка на организаторите на манифестацијата.
Шоуто е во организација на радио „Бубамара“, а годинава беше во режија на „Рок-барок“ академија, која гласаше за победниците.
Емилија Маневска
„Бубамари“ за најпопуларните
„Златна бубамара на популарноста“ им е доделена на највпечатливите личности и проекти од медиумите, забавата, музиката, културата и спортот во 2009 година.
„Златната бубамара“ за животно дело ја доби легендарната македонска пејачка Вања Лазарова, која ја отпеа песната „Со маки сум се родила“.
Дани Димитровска доби награда за своите заложби во кампања за борба против сидата. Сашко Кедев и Тони Стефановски за своите достигнувања во спортот. За најдобар проект Зоран Џорлев и Александар Митевски, кои го создадоа изданието „Не кажувај либе добра ноќ“. Тие за публиката ја отсвирија најавната нумера на „1001 ноќ“. За актери на годината беа прогласени Дејан Лилиќ и Јелена Жугиќ. Раперите од „Токсикологија“ беа дел од наградените, а и Слаткаристика за најпопуларен хип-хоп изведувач. Емисиите „Ексклузив“, „Бекстејџ“ и „Зевзекманија“ добија награда за разубавување на македонскиот телевизиски етер. За претстава на годината е прогласена „Г-ѓа Министерка“ на МНТ. За најдобри ТВ- водители беа прогласени Сашо Мацановски-Трендо и Ана Јовковска.
|