ЈАВНА ДИПЛОМАТИЈА
Светскиот џет-сет на забава во македонската амбасада
Само избраните може да дојдат на најголемиот социјален настан во политички Вашингтон - „афтер парти“ на Блумберг на кој дојдоа Клуни, Куркова, а сето тоа се организира во македонската амбасада во квартот Калорама

Сакате да бидете видени? Сакате да бидете дел од американскиот јавен живот? Тогаш не смеете да го пропуштите најголемиот „социјален“ настан во политичкиот Вашингтон, таканаречената „афтер парти“ на њујоршкиот градоначалник Мајкл Блумберг. Фактот дека оваа забава е еден вид продолжение или како што велат во Вашингтон, „додаток“ на вечерата што ја приредува претседателот Џорџ Буш за новинарите акредитирани во Белата куќа, за Македонија не значи ништо. Но, значењето се менува само со податокот дека до лани оваа престижна забава се организираше во македонската амбасада во Вашингтон. „Технички, настанот чиј домаќин порано беше „Венити феир“ е продолжување на годишната вечера со црни вратоврски што ја организира претседателот Буш и на него присуствуваат поголемиот дел од неговиот кабинет и од конгресното раководство. Но, вистинскиот знак за општествен статус во Вашингтон е дали ќе обезбедите покана за многу поексклузивната забава на Блумберг. Поканата напишана со зелено мастило ви овозможува да застанете во редот пред македонската амбасада во Калорама заедно со другите „избрани“ и со оние што се надеваат дека со малку среќа ќе влезат внатре“.
Вака беше најавуван настанот што се одржа лани. Вработените во македонската амбасада беа специјални гости. Се разбира покрај еден Џорџ Клуни, покрај гувернерот на Њујорк, Џорџ Патаки, Исаија Вашингтон, супермоделот Каролина Куркова...
За влез се барало „карта“ повеќе, а како пример се наведува случајот со новинарот Дик Кеил, инаку известувач за „Блумберг њуз“ од Белата куќа, кој добил 150 имејлови од луѓе што барале да им помогне да се најдат на списокот за забавата. Ова доволно зборува за репутацијата „најдобра забава“.
- Тоа беше исклучителен настан и подобра промоција на Македонија не можевме да замислиме. Сите патишта на славните Американци водеа кон амбасадата на Република Македонија - велат вработените во нашата амбасада.
Подготовките за забавата траеле една недела, целата амбасада била обвиткана со огромен шатор, послана со црвени теписи и со неколку големи видеобимови. Најголемиот бил монитран на целиот ѕид во главната просторија, прикажувајќи снег, сонце и на крајот силно светло.
За таа пригода во амбасадата биле монтирани и два огромни шанка, а вистинско изненадување биле тоалетите замаскирани со бршлени, грмушки и свежи орхидеи, а присутните се шегувале дека дури и на Тарзан би му било тешко да се пробие. Уште повеќе што до нив се стигнувало преку „ѕидови“ од магла.
За оние што не влегувале низ ВИП-влезот, како и за оние што сакале да ги избегнат љубопитните фоторепортери, имало друг влез што водел низ лавиринт.
На забавата пристигнале 1.100 гости наместо најавените и уредно компјутерски регистрирани 700 луѓе. На најблиските соседи организаторот им обезбедил хотелско сместување за да не мора да го „трпат“ метежот, а за другите имало финансиски надомест за „малтретирањето“ бидејќи забавата трае до сабајле.
За сеќавање на гламурот, сите гости на заминување добиваат по еден чифт влечки и филџан со името на Блумберг.
За жал, годинава забавата не се одржа во македонската амбасада. Проблем беа соседите. Дел од нив веројатно побарале преголема сума пари за да дадат „одобрение“ да се одржи забавата.
Во македонската амбасада објаснуваат дека главната придобивка од забавата на Блумберг е промоцијата на Македонија. Сите ја виделе амбасадата и слушнале за Република Македонија.
Жана П.Божиновска
|