ИНТЕРВЈУ: КИРИЛ ТРАЈКОВСКИ, АРХЕОЛОГ
Многу неморал и премалку објективност и кај научниците
Половина век имавме историја, па и археологија, уште подефектна од комшиските, бидејќи претставува реинтерпретирање на нивните ставови

Етногенезата на балканските простори била во мода уште пред 130 години, кога се формираат еднонационалните држави, кога се создавани монтирани историографии и на сцена се необјективни експанзионистички големодржавни претензии. Со археологот Кирил Трајковски, кустос-советник во Музејот на Македонија, разговараме и за продорот на Словените, за мешањето на народите на Балканот, за преплетувањето на културите што оставиле траги.
- Жално е што по Втората светска војна, истите тие етноцентристички историографи продолжуваат со тоталитарните балкански режими. Сето тоа трае до 1989 година. Македонската историографија можеби не е виновна, бидејќи позицијата и' е толку неблагодарна - таа е притисната од комшиската диктирана и необјективна историографија. Тоа оди на штета на објективната македонска историја. Половина век имаме државна историја, па и археологија, која е уште подефектна од комшиските, бидејќи претставува реинтерпретирање на нивните ставови. Тука помош нема.
ДЕФЕКТНА СЛИКА
* Дали оваа тенденција продолжува и денес?
- Не треба да не' чуди што нашите луѓе ги интересира античкиот период, кој е многу светол, интересен, драматичен. Тој е поврзан со македонското кралство и со големи личности, ретко достижни, како што е Филип, а потоа и најголемиот романтик, Александар. Нормална е нашата реакција. До 1989 година, во рамките на тогашната СР Македонија, тоа било тема што морала да стои под мраз. Сега одеднаш имаме наплив, експлозија на нашата нова, модерна, неоптоварена историја, особено античката. Нашите млади историчари се многу пообјективни, автоматски подобри од нивните колеги од соседните земји. Тоа што на кој било начин им било скратено на нашите луѓе во Македонија да ја дознаат таа историја, сега испливува. Ова што се случува денес е логична реакција, но не треба никогаш да се претерува.
* Можеме ли да се потпреме на таа историја и археологија, трагајќи по корените?
- Обично луѓето сакаат да зборуваат за генезата, поврзаноста, континуитетот.
На балканските простори по Француската револуција се формираат социополитички категории наречени нации. Тоа е истиот збор, етнос, народ. Преку тие социополитички категории вештите политичари манипулираат со термините и со чувствата и ги збудалуваат, „ги пакуваат“ луѓето. Нација е пред се социополитичка, а не културна категорија. Тоа е само дефиниција, рамка. Човековиот живот не е егзактна аритметичка категорија и таа со формули ни случајно се решава. Тоа се компоненти на измислената формула која е конвенција, договор на големите сили. Ретко кој може да даде дефиниција за генеза и етногенеза на еден народ на балканските простори. Сликата е секогаш флуидна, матна, замаглена. Таа е тука некаде, но биолошкиот континуитет науката се' уште не го решила.
* Како светската наука гледа на овој проблем?
- Термините етногенеза, миграции на население се „демоде“ теми во светската наука. Ме поканија на Светскиот византолошки саем во 2011 година, ја погледнав програмата, никаде не постои тема за етногенеза. Овој проблем не може да се решава на начин како поранешнит историографи. Така од Тракијците ќе стигнете со династијата Саксобурготски или од Мезите до Неманиќи или
Караѓорѓевиќи. Нема логика ние да го применуваме истиот апсурден, неиздржан модел. Нашите луѓе се во конфузија, но тие не се виновни, ниту новинарите, ни политичарите. Виновни се професионалците кои добиле задача и привилегија да ја истражуваат историјата. Ако во поранешниот режим тоа било збир на конјунктурни и аморални историчари, нормално дека ќе добивате дефектна слика за нештата. Кај историчарите и археолозите мора да постои личен, професионален морал. Најголемиот квалитет кај тие што се занимаваат со историја е, сепак, објективноста.
* Колку граѓаните се свесни за својата историја, за културното наследство, особено во време на ерозивен образовен систем?
- Ние сме ја оставила младата генерација на тенок мраз. Тоа е многу лошо и веќе е проблем на општеството и на државата. Многу години во Македонија имаше диригирана панславистичка историографска мисла, политика и механизам. Дури и нашите преродбеници, умни, чесни луѓе, биле најголемите панслависти. Тоа е одраз на романтизмот и не треба за тоа да ги обвинуваме. Следува период кога државната пропаганда преку историјата жестоко навлегува во сите пори на образовниот систем на Балканот. Тука се пласираат тие панхеленски, пантракиски, панилирски, панславјански теории што не се објективни, не се точни. Зошто се чудиме што поранешниот претседател Киро Глигоров јавно изјавува дека Кирил и Методиј се Словени. Тој е политичар и не мора да знае. Виновни се советниците по историја околу него зашто не му објасниле. Вината секогаш е кај историчарите што даваат погрешни интерпретации. И најталентираниот, најкреативниот политичар, со аморален и дефектен историски став од своите историчари и археолози, станува дилетант и шарлатан во очите на светската јавност. Тоа е поразително.
* Каква е позицијата на балканските историчари?
- Не би сакал да ја коментирам сегашната грчка историографија. Таа не е ни политичка, туку политикантска, во најголем дел шовинистичка, иако Грците имаат барем неколку извонредни историчари со светско реноме, особено за средниот век. Но, има еден куп што работат за машинеријата на политичките проекции што ги поставиле. Има и друг проблем. Одредени политички програми и проекции на одредени балкански држави не наоѓаат лобисти во историските науки, туку корумпираат и купуваат еминентни, докажани имиња. Тие за одреден профит пласираат квазитези, кои не им одат во интерес на Грците, Албанците ниту на Бугарите, туку одат против историската вистината, а тоа е погубно и крајно неморално.

ЈАЗИКОТ КЛУЧ ЗА НАЦИЈАТА
* Дали културата и историјата особено на вакви простори е секогаш конгломерат?
- Да, од праисторијата до денес. Ние сме една пријатна синтеза на култури, на биолошки комбинации. Ни случајно не треба да се поставуваат нештата, да се дефинираат или врамуваат во крути рамки на еден народ. Самиот народ не е еден народ оти е конгломерат, културна мешавина. Постојано гледам реакции кога некој ќе го спомне Александар Македонски. Па, нормално дека имаме компонента, културна, биолошка и секаква друга. Но, таа не е единствената и вечната во сиот тој огромен комплекс. Малку неоправдано ја запоставуваме пајонската култура и династија, која е многу висока. Па тоа се главните партнери на Тројанците против Ахајците, за кои пишувал Хомер во „Илијада“. Тие се како први братучеди на Македонците.
Во времето на Филип Втори тие стануваат едно. Нормално е дека немаат бариери меѓу себе и се оформуваат во една културна, политичка, етничка структура, прават една унија која се прелева, се профилира. Можеби не треба да ја наречеме исклучиво македонска, туку македонско-пајонска култура. Потоа дошле римјаните. Тие како освојувачи ги тормозеле, ги сечеле во почетокот, за да ја изгубат меморијата токму тие антички Македонци-пајонци. Првите механички делби на Македонија се меридите што ги направиле Римјаните. Роднините дури не смееле да комуницираат едни со други. Тоа што се случува по Балканските војни, особено со нас, Римјаните го направиле пред 2000 години.
* Која компонента на тој систем е најсилна?
- Религијата. Тоа е најдолговечната и најконзервативната категорија. Таа е можеби најдобар ориентир во проучувањето на трансформирањето, еволуцијата. Преку современа интерпретација секогаш лесно се гледа историјата. На пример, за многу кус период одеднаш имаме исламизирање на христијанско население, во Дебар, Жупа. Исламизираните Македонци сега почнуваат да се декларираат како Албанци. Преку религијата поминуваат во друга етничка декларација. Или Скендер-бег, кој е христијанин, Ѓерг Кастриот.
* Каква била улогата на големите просветители Кирил и Методиј?
- Тогаш ова парче од Византија е освоено, дел е окупирано и се поставени границите на првата бугарска држава. Тука не влегува само Македонија туку и дел од Албанија, Србија, Грција. Познато е дека Бугарите се турски племиња. Борис Први е владетел од овие простори. Тој е можеби човекот со најдлабока државничка проекција дотогаш. Прво ја егзекутира бугарската елита, за да нема спротивставувачи. Престолнините и териториите на таа бугарска држава се длабоко на север, не во Тракија или во Пловдив или Софија. Таму има Славјани. Борис сака да ја контролира словенската маса. Од друга страна, има автохтони Ромеи. Затоа тој го одбрал христијанството и го поставува славјанскиот како задолжителен јазик на Ромеите, на Бугарите и на Славјаните. Не прави само јазична асимилација (иако самиот не говорел славјански), туку еден амалгам, кој ги има христијанството како фундамент и славјанскиот јазик. Тука, според мене, лежи суштината. Не случајно, но тој успева да ги престигне византиската политика и мисијата на Кирил и Методиј.
Тоа е истата таа политика. Византија, гледајќи дека бугарската држава е војнички моќна, се обидува да ја сврти ситуацијата во своја полза. Константин Филозоф (Св. Кирил) е еден од највисоките интелектуалци, научници. Тој е извонреден дипломат, теолог, филозоф и веќе работи на неколку мисии. Тоа е државна политика на Византија. Но, Борис ја потиснува и нивната мисија и политиката ја трансформира во своја полза. Тоа не значи дека овие личности се ексклузивни фигури на бугарската приказна. Напротив, тие ставови се повеќе историски памфлети, иако доаѓаат од научници. Кирил потекнува од Солун, а Солун е дел од Македонија. Тој кај нас ја создава азбуката, на реката Брегалница. Секако дека и ние имаме и духовен и каков било легитимитет.
* Како населението реагира на новата култура, јазик и религија?
- Мисиите биле за да се вметне христијанството, со или без сила. Затоа е создаден и јазикот, за да се промовира и прифати христијанството. Религиозната бариера секогаш е најсилна меѓу етносите. Таа спојува, таа одвојува. Што се случува во Македонија? Паганите, Славјаните и сите други стануваат христијани. Потоа нема никаква пречка да се мешаат, природно да станат едно. Јазикот, пак, е инструмент да се дојде до христијанството. Преку него луѓето се сплотуваат. Јазикот да не не' збунува, зашто тоа е една од поставените компоненти за некој народ да биде нација. Тука се манипулира и затоа се борбите. Претензиите на Бугарите се познати. Зошто ни го оспоруваат јазикот? За да не ја исполниме категоријата да бидеме современа нација. Бугарскиот премиер пред неколку години изјави дека е тоа лингвистички проблем. Точно, но ставен во политички контекст.

Знаевме дека сме само Словени
* Што се случило во Македонија по распаѓањето на римската држава?
- Панславистичката доктрина, политика и историографија оставила последици да мислиме сите дека сме исклучиво Словени. Сите тоа го учевме, знаевме и бевме убедени во тоа. Но, на целата светска историографија и' е познато дека во 7 и 8 век кога Словените поминуваат на југ, на просторот на Византиската Империја, со нив паралелно доаѓаат помногубројните Кутругури, Оногури, Оигури, Авари. За што да се фатиме ние? Византиската Империја тогаш е во агонија. Ние, како археолози, не сме виделе материјални остатоци од 7 и 8 век, особено не славјански остатоци. Сигурно не сме ги промашиле оти тука работеле и светски имиња од археологијата. Постојат податоци и аргументи.
До Пелопонез имало Словени, во групи, енклави. Ќе се одржат по 2-3 века, но тоа е како колонија на Кинези во Ванкувер. Зошто тој период до 9 век е толку замаглен? Ортодоксната наука вели дека староседелците, автохтоното население, кое историографијата го нарекува Ромеи, се повлекло на планините. Станале сточари. Балканските Власи се наследници на тоа население. Не треба да се заборави фактот дека по времето на Јустинијан, во 7 век овој простор го преполовила чума.
Весна Ивановска Фото: Бисера Станковска |