„За македонцките работи“ се продава и во Грција
Македонците се разликуваат од другите балкански соседи, се вели во грчкото издание на делото на Мисирков, објавено уште во 2003 година во Атина
 Издавач на делото е „Пецивас“, книгоиздателство од Атина
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, една од најзначајните за нашиот јазик, нација, идентитет, веќе шест години е објавена под оригинален наслов на грчки јазик и е присутна во повеќе библиотеки во Грција. Изданието било подготвено во 2003 година, по повод стогодишнината од објавувањето на делото на Мисирков, а издавач е „Пецивас“, книгоиздателство од Атина. Термини како Република Македонија, македонски, Македонците, зборови на кирилица, се застапени во предговорот кон грчкото издание, чиј уредувач е Георгос Пецивас, издавач и книжевник.
Во предговорот кон книгата Пецивас го изедначува Мисирков со Ригас Велестинлис Фераиос, грчки поет од 18 век познат како креатор на модерна Грција. Се истакнува и дека Грците треба да се информирани за одликите на својот северен сосед и притоа стои дека Македонците се разликуваат од другите балкански соседи.
Пецивас, инаку, по потекло е Македонец, кој прво живеел во Соботско, во егејскиот дел на Македонија, а потоа се преселил во Атина, каде што почнал да се занимава со издавачка дејност. Книгата на Мисирков му е само едно од делата што ги објавил а се занимаваат со македонското прашање. Објавил и повеќе други книги со кои се објаснуваат грчките позиции кон Македонците и кон македонското прашање.
МАКЕДОНЦИТЕ СЕ РАЗЛИКУВААТ ОД СОСЕДИТЕ
„Сега, кога односите на добрососедството се воспоставени и измислените предрасуди и недоверби се отстранети од двете страни, го сметаме за згоден моментот и грчкиот народ да биде информиран од прва рака за природата на соседот. Крсте Мисирков за соседната Република Македонија значи исто што и Ригас Велестинлис за грчката нација. Тој е човекот што ги проучил јазикот, историјата, карактерите и обичаите на своите сонародници и се произнесол дека Македонците се разликуваат од другите балкански соседи. Сакам да го изразам своето уверување дека заемното признавање и разбирање што денес владеат во нашето соседство, со влегувањето на сите балкански народи во Европската Унија, набрзо ќе водат кон мир и благосостојба“, пишува Пецивас во предговорот кон изданието.
На корицата од книгата стои ликот на Мисирков и неговиот потпис. На првите страници е поставен и факсимил од оригиналната корица на првото издание на „Македонците работи“, објавено во 1903 година во Софија. Во дел од изданието се внесени и зборови напишани на кирилско писмо како „врејќа“, „рака“, „којњ“. На кирилица се објавени и четири македонски народни песни, исто така препеани на грчки јазик. За читателите што не го разбираат грчкиот јазик, пак, на крајот од книгата, на англиски и на француски јазик, е објавена биографија за Мисирков.Павле Васкопулос, лидер на партијата на Македонците во Грција, „Виножито“, вчера изјави дека станува збор за значајно дело. Таа книга слободно се продаваше по книжарниците во Грција и имаше голем интерес за неа, посебно од Македонците што живеат во Грција - ни рече тој.
РИСТОВСКИ: КОРЕКТНО ИЗДАНИЕ
Во прилог кон изданието е даден и поширок историски осврт кон случувањата во Македонија во периодот од 1870 година, па се' до Илинденското востание. Опишани се случувањата во Отоманската империја, формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација, идеите за формирање - како што стои - македонска држава, судирот со врховистите, илинденските случувања, задушувањето на востанието.Наш најголем познавач на делото на Мисирков е академикот Блаже Ристовски. Тој истакна дека податоците во книгата се коректно пренесени и дека нема место за критика или за сомнежи околу нејзината веродостојност.
- Изданието е коректно и нема што негативно да се коментира за него. Делото „За македонцките работи“ е прецизно пренесено, што е сосем за поздрав. Објавувањето на книгата е позитивен потег и секако помага за развојот на неопходното меѓусебно запознавање. Обичниот Грк не ја познава многу нашата култура, јазик, историја. Тоа дело секако е од голема помош. Треба да се разбере дека ништо не стои во времето. Се' си има свој тек. Работите меѓу двете земји и култури ќе си дојдат на свое место. До тогаш треба да се одржиме и да истражиме, така што, двете страни, ќе работиме умно и сестрано - вели Ристовски.
Културната соработка со Грција во минатите неколку години е сведена на минимум. Еден од ретките македонски писатели што со свое дело е присутен во Грција е Венко Андоновски, чиј роман „Папокот на светот“ во 2006 година беше објавен во издание на грчкиот издавач „Кедос“. Годинава, првпат по три години, на Струшките вечери на поезијата ќе гостува грчки поет.
Тоше Огњанов |