прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
среда, 20 мај 2009    
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Отворена

Колумна

Ветената земја

Во добрите намери на „Неговото Блаженство Архиепископот Охридски...“ не се сомневам, но споредбата на нашиот нов претседател со Мојсеј е, најблаго речено, неумесна.

Како прво, Мојсеј цели четириесет години го водел народот низ пустина до ветената земја (за нас „европска Македонија“). Како второ, Мојсеј никогаш не влегол во ветената земја - бил казнет зашто немал вера во Бога

Си имаме тазе претседател. Си имаме и тазе интернет-страница - порта(л) на нашата држава. На новата страница, покрај ликот на нашиот претседател стои слоганот: „Република Македонија, економски силна, развиена и европска“. Епитетите летаат на сино небо во бели облаци. Симболично, колку да се знае дека станува збор само за пуста желба на новоизбраниот претседател. Претседател на една од економски најслабите, најнеразвиени и најнедемократски држави, во која се живее понесреќно и отколку во Албанија.На страницата се објавени неколку основни податоци „за Македонија“. Меѓу другото, и за „географската положба на Македонија, како централна балканска држава која се граничи со четири држави...“ Неколку реда подолу има набројување на „соседни држави“: „Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Косово“?!? Чудна некоја математика - во првиот параграф Македонија се граничи со четири држави, а неколку реда подолу испаѓа дека се граничи со пет! Два и два се четири, а „можда“ и пет? Ете прекрасен пример за разумен компромис. Србија ќе се радува на тоа дека се граничиме со четири држави, а Косово ќе се радува што е спомнато на нашата листа со соседни држави, и тоа „на интервенција на Кабинетот“.

Еден од основните податоци кај е-претседателот е дека „Службен јазик е Македонскиот“. Формулацијата „Македонскиот“ не е во согласност ниту со Уставот („службен јазик е македонскиот јазик“), ниту со „Законот за употреба на македонскиот јазик“, ниту со македонскиот правопис (придавки изведени од лични имиња и географски поими се пишуваат со мала буква). Употребата на „Македонскиот народ“ во транскриптот од првото обраќање на „Претседателот“ не е само симптом за мегаломанија, туку и за непочитување на правописните правила. Баш ме интересира, ќе се најде ли државен орган што ќе му изрече на нашиот „Македонски“ „Претседател“ глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра поради објавување нелекторирани текстови? Може ли да очекуваме од „Претседател“ кој не знае како правилно се пишува придавката „македонски“ да се бори за придавката „македонски“?

Ја прочитав и биографијата на „Претседател др. Ѓорге Иванов“. Секако, титулата „Претседател др.“ не ја потенцира неговата младинска политичка активност како „другар“ („во либералните, реформски младински организации“), туку неговата научна титула „доктор“ (експерт за „градењето на демократија во поделени општества“). Има ли поживописна илустрација за одвоеноста на политиката, универзитетот и науката од државно-академско-научната функција „претседател проф. д-р“?

Кликам на политичката програма на Иванов во која уште на почеток пророчки укажува: „Бог сакаше мојот син да се роди само неколку дена по прогласувањето на независноста на Република Македонија.“ Неколку реда подоцна, поранешниот „другар“ повторно не' потсетува дека „Се раѓаме по милоста Божја“. Како да е проповедник на „оваа библиска и апостолска македонска земја“, Иванов често го привикува името Божјо. Ем „животот на село подразбира... верба во Бога“, ем „Македонскиот град ја има традицијата на... мултикултура и верба во Бога“. Бог се спомнува дури и кога се афирмира правото на недискриминација: „Сите имаат право да го живеат својот живот даден од Бога без чувство дека се заборавени, отфрлени или дискриминирани“. Останува да се думаме: Дали претседателот „еден за сите“ ќе се бори и за правата на граѓаните што не веруваат дека животот им е „даден од Бога“ и дека се „укрепувани и водени од Бога“? Ќе има ли место за нерелигиозните граѓани во неговиот проект „духовни дијалози“ (резервиран само за верските заедници и нивните лидери)? Или нерелигиозните немаат капацитет за „духовен“ дијалог?

Темелно го прочитав и првото обраќање на Иванов. Отпрво добив впечаток дека ниту имаме некаков спор, ниту водиме некакви преговори со Грција. Впечатокот ми се наметна откако прочитав дека „Македонија продолжува да чекори без запирање, да чекори на патот на евроатлантските интеграции“. Навистина, малку подоцна се појаснува дека не чекориме без запирање, туку дека ги имаме „големите пречки на нашиот пат, како што се нерешените прашања со јужниот сосед и глобалната економска криза“. Долго се обидував да направам „разумен компромис“ со „двојната формула“ - Македонија „продолжува да чекори без запирање“ со „големите пречки на нашиот пат“. Ама, по се' изгледа, немам капацитет за такво духовно просветление.

Исто така, информацијата околу претседателската „координација за текот на разговорите за надминување на разликите околу името со Република Грција“ сугерира дека ние не водиме никакви преговори, туку разговори за името. И еден од мудрите советници на претседателот апелираше „Македонија во решавањето на разликите околу името со Грција треба да се води од Привремената спогодба со која прифаќаме да разговараме за разликата која постои“. Е, сега, во членот 5 од „Привремената спогодба“ убаво си пишува дека „страните се согласуваат да ги продолжат преговорите“, што значи дека се воделе и се водат преговори, а не разговори со Грција. Во чиј интерес е да се залажува јавноста дека не се водат преговори, туку разговори, а во исто време да се привикува духот на „Привремената спогодба“ која го тврди спротивното?

Сепак, најконтроверзно четиво на претседателската страница е „Поздравното обраќање на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски...“, во кое тој му се обраќа со зборовите „Возљубен Претседателе“: „Бидете македонски Мојсеј на нашево време кој ќе ја води Република Македонија и нејзиниот народ, Мојсеј кој ќе ги изведе на вистинскиот пат...“ Во добрите намери на „Неговото Блаженство“ не се сомневам, но споредбата со Мојсеј е, најблаго речено, неумесна. Како прво, Мојсеј цели четириесет години го водел народот низ пустина до ветената земја (за нас „европска Македонија“). Како второ, казнетиот од Бога Мојсеј никогаш не влегол во ветената земја.

Жарко Трајановски


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт