КРИВА ПАЛАНКА ПРЕД права ДИЛЕМА Нудат 10 милиони евра по цена од 5.000 долари
Понудата е од извесна меѓународна организација ВВВХПФИ, која не постои на интернет, а нејзината банка ААС е механичарска работилница

Локалната власт од Крива Паланка доби понуда да вложи 5.000 долари за да добие 10 милиони евра. Понудата стигна од Станка Кировска, извршна директорка на канцеларијата на ВВВХПФИ во земјава.
Кировска тврди дека организацијата е со седиште во Англија, а поседува и своја банка во Њу Касл, позната како ААС (Адвансед аутомотив системс лтд). На интернет не може да се најде ниедна организација со назив ВВВХПФИ, а под името ААС излегува работилница за поправка на автомобили и за виткање цевки.
„На нашите потрошувачи им нудиме над 25-годишно искуство во виткање цевки за потребите низ целиот свет“, пишува на веб-страницата на ААС. На сликите, пак, е прикажана автомеханичарска работилница.
Но, советниците во Крива Паланка добија поинакви информации од Кировска.
- Оваа меѓународна компанија преку својата банка ААС првпат донира во Македонија. Земјава се наоѓа на првото место за инвестирање. Донаторите планираат економски пресврт за Крива Паланка, која треба да стане туристички центар. Ќе се инвестира во вкупно 14 проекти, а успешната реализација на одобрените грантови ќе зависи само од подготвеноста на Општината да ги спроведе избраните проекти - им објасни таа на советниците.
Кировска информира дека организацијата одобрила и 12 милиони евра за Општина Струга, кои ќе бидат инвестирани по завршувањето на проектите во Крива Паланка, каде што пак приоритетна инвестиција е изградбата на туристички центар на Калин Камен. Планирани се и пари за изградба на гасификациона градска мрежа, брана на Станечка Река, станбени објекти за ромското население, пречистителна станица, довршување на спортската сала и на градскиот стадион, уредување на речното корито на Дурачка и на Крива Река и други инфраструктурни објекти.
Поради убавите ветувања, градските советници, иако ја примија веста со резерва, се согласија да вложат 5.000 евра за да ја добијат донацијата.
- Оваа донација е одлична можност за решавање на натрупаните проблеми за кои Општината не може да обезбеди пари. Сега ни се дава можност да ги изградиме капиталните објекти кои нудат огромна перспектива за развој на Крива Паланка - смета градоначалникот Драги Трајчевски.
Тој и градските советници се обврзаа дека ќе понесат одговорност ако не се реализира овој проект и и' се нанесе штета на општината.
Кировска тврди дека станува збор за сериозна меѓународна организација, во чиј Борд на претседатели има и членови-советници на американскиот претседател Џорџ Буш. Организацијата имала и своја берза на која се вршела трговија со целиот свет, а доставувала и банкарска гаранција од секоја земја. Само во Кина досега донирала осум милијарди долари, а за Македонија биле планирани дури пет милијарди.
(Р.Д.)
|